Меѓународната компанија за логистика генерираше 1,77 милијарди евра во нето-продажба во изминатата фискална година, но постигна и пресудна пресвртница со дигитализацијата, одржливоста и проширувањето на глобалната локација
Меѓународната компанија за транспорт и логистика Gebrüder Weiss генерираше 1,77 милијарди евра во нето-продажба во фискалната 2020 година. Тоа е еднакво на зголемување на продажбата од 3,7 проценти во споредба со претходната година (2019: 1,71 милијарди евра). Со тоа, компанијата го продолжи својот раст од последните години. „Одлучувачки фактор за позитивниот резултат беше тоа што останавме флексибилни и отворени дури и во екот на кризата со коронавирусот - на сите локации во светот. И покрај постојаните рестрикции во движењето и глобалниот недостиг од транспортен капацитет, ние постојано можевме да им понудиме на купувачите соодветни транспортни решенија. Нашите вработени постигнаа неверојатни резултати во “тешки услови“, вели Волфрам Зенгер-Вајс, директор на Управниот одбор на Gebrüder Weiss.
Best of Both Worlds: Стратегијата за дигитализација се покажа како исплатлива
Компанијата направи пресвртница во процесот на дигитализација во 2020 година со воведувањето на новиот кориснички портал myGW. Онлајн-платформата овозможува едноставен, брз и директен пристап до сите услуги на Gebrüder Weiss и нуди информации за нарачките за транспорт и логистика во реално време. „Нашата стратегија за дигитализација ‚Best of Both Worlds‘ – односно комбинацијата од физичка и дигитална компетенција – се покажа како особено успешна за време на криза. Можевме да докажеме дека сме сигурен и иновативен партнер за логистика. Позитивните повратни реакции од корисниците ни помогнаа да ја зајакнеме нашата стратешка насока“, вели Волфрам Зенгер-Вајс. Корисничкиот портал моментално се употребува во Австрија, Германија, Швајцарија, Чешка, Унгарија и Словачка. Проширувањето кон други земји е дел од планот за оваа година.
Проширена меѓународна мрежа на локации
Во поглед на интернационализацијата, Gebrüder Weiss не се откажува од своите намери од 2020 година: Во полето на воздушниот и поморскиот товарен транспорт, Gebrüder Weiss ја консолидираше својата локациска структура во Германија и влезе на пазарите во Полска, Јужна Кореја, Малезија, Австралија и Нов Зеланд. „Поради намалените можности за патување, проширувањата беа спроведени од далечина на речиси сите локации. Таквиот предизвик беше особено тежок за тимовите што беа задолжени за таа задача, но истите успеаја успешно да издржат и да ја завршат својата задача преку употреба на медиумите за дигитална комуникација“, вели Зенгер-Вајс. Меѓународната мрежа вклучува 170 подружници во 35 земји, како и 7.400 вработени (со полно работно време). Сè на сè, компанијата за логистика инвестираше преку 70 милиони евра во проширувањето на своите локации и информатичката инфраструктура, како и за аквизиции. Соодносот на капиталот останува стабилен со над 60 проценти, што е главната причина зошто компанијата е стабилна во време на криза и зошто е способна да продолжи да се развива и покрај тешката состојба.
Фокус кон одржливоста: CO2-неутралност до 2030 година
Gebrüder Weiss исто така има јасни цели и во постигнувањето одржлива стратегија: Емисиите на CO2ќе бидат намалувани 10 проценти годишно со цел во 2030 година компанијата да биде целосно CO2-неутрална. Ова ќе биде постигнато, меѓу другото, со поставување уште повеќе фотоволтаични системи низ логистичките терминали на компанијата и зголемување на употребата на камиони со алтернативни погони, како струја, плин и хидроген. Освен овие мерки, од минатата година Gebrüder Weiss почна да им нуди на своите корисници опција да ги намалат своите емисии преку сертифицирани проекти за заштита на климата.
Нестабилната економска ситуација од минатата година се одрази врз продажбите во поединечните деловни сектори: Поради рестрикциите и затворањето на компаниите на одредени корисници, особено во второто тромесечје, секторот на копнен транспорт и логистика забележа намалување од 4,3 проценти на 1,10 милијарди евра (2019: 1,15 милијарди евра). Зголемената побарувачка за онлајн продажба предизвика зголемување од 29 проценти во испораките во сегментот на домашна достава (1,37 милиони испораки во 2020 година); со тоа, Gebrüder Weiss стана лидер на пазарот во Австрија и неколку земји во Источна Европа. Во однос на воздушниот и поморскиот товарен транспорт, беше забележано зголемување од 23,7 проценти на 470 милиони евра (2019: 380 милиони евра). Освен доброто развивање на бизнисот, особено во воздушниот товарен транспорт, аквизицијата на Ipsen Logistics имаше исто така позитивен ефект. Во околности на големи предизвици, DPD Austria, со која Gebrüder Weiss Paketdienst (GWP) е партнер, транспортираше повеќе од 57 милиони пакети. Тоа соодветствува на зголемување од над десет проценти, сето тоа постигнато во време на кризата со коронавирусот.